Top Sport

Далглиш: Кој нормален човек мисли дека Ливерпул не ја заслужија титулата

Легендата на Ливерпул, Кени Далглиш смета дека не е возможно сезоната 2019/20 да не се смета по можното откажување поради корона вирусот, по барањето на потпретседателката на Вест хем, Карен Брејди дека најфер ќе биде сезоната да биде поништена.

Поранешниот херој на „Енфилд“, Далглиш во колумна за „Сандеј пост“ вели дека предноста од 25 поени на врвот на Премиер лигата треба да значи нешто.

„Дали некоја нормална личност без агенда навистина мисли дека најразумно би било на Ливерпул да им се одземе шансата да ја освојат титулата по фантастичните 29 кола досега и предноста од 25 поени на девет меча до крајот? Прво што треба да се помисли е да се даде време да се заврши сезоната, без разлика на тоа дали значи дека треба да се игра секој втор ден во мај или во јуни. Тоа не е идеално, но сите би биле израмнети. Дефинитивно не смееме да дозволиме сезоната 2019/20 да биде поништена“, вели Далглиш.

Самата Брејди повторно одговори по големите критики од навивачите на Ливерпул кои сметаа дека таа мисли само на Вест хем, кои се надвор од зоната за испаѓање поради гол-разлика.

„Не можеме да ја избегнеме можноста сите нивоа на англискиот фудбал, вклучувајќи ја и Премиер лигата да бидат откажани и сезоната да биде поништена доколку натпреварите не можат да се одиграат. Сите се сложуваат дека Ливеруп ја заслужуваат титулата, но не смее да се заборави на фановите, фудбалерите и членовите на тимовите“, вели Брејди.

Scroll to Top