„Дојче веле“ тврди дека ФИФА може да заработи милијарди долари ако реши да продаде две од своите натпреварувања на инвеститори од Блискиот Исток.
Извори од ФИФА велат дека претседателот Џани Инфантино минатиот месец им соопштил на членовите на Советот на ФИФА дека постои голема понуда по состанокот во Богота, Колумбија, каде што биле понудени 25 милијарди долари за правата на „проширеното“ Светско клупско првенство и новата предложена Глобална национална лига.
Според „Дојче веле“, инвеститорите бараат брз одговор и Инфантино побарал одобрување од Советот да продолжи со преговорите. ФИФА и Германската фудбалска федерација (ДФБ), чиј претседател Рајнхард Гриндел бил присутен на состанокот одбија да дадат коментар.
Според „Њујорк тајмс“ се работи за групација на инвеститори од Блискиот Исток, но и од Кина и САД. Тие предложиле шема со која ФИФА ќе има 51 отсто од сопственоста во заедничкиот бизнис, а „проширеното“ Светско клупско првенство, на кое досега учествуваа шесте континентални шампиони и тим од домаќинот на натпреварувањето, би бил проширен со учество на најголемите европски клубови.
Од друга страна, Глобалната лига на нации би била „продолжување“ на Лигата на нации на УЕФА, која почнува овој септември, и би стартувала веќе во 2021 година.
Доколку се остварат најавите, ФИФА би добила голема финансиска „инјекција“ и би се вратил огромниот приход на организацијата која во 2015 беше погодена со финансиски скандал. „Дојче веле“ тврди дека приходот од 1.5 милијарди долари по Светското првенство во 2014 година паднал на 900 милиони долари за тековната година.
Фото: ЕПА