Јувентус, наводно, подготвуваат летен трансфер на ѕвездата на Ливерпул, Мохамед Салах, кој би бил совршена замена за аргентинскиот плејмејкер Пауло Дибала, откако неговата напаѓачка улога по доаѓањето на Кристијано Роналдо кај „бјанконерите“ е сменета.
Дибала има постигнато само два гола за Јуве оваа сезона, и шпекулациите велат дека 25-годишниот Аргентинец не е задоволен од новиот систем под Масимилијано Алегри и бара трансфер во Англија.
Јувентус ова би го решиле со понуда од 225 милиони долари за замена за него, а Салах е прва мета. Салах помина две и пол сезони во Серија А, со петмесечна позајмица во Фиорентина и едногодишна позајмица во Рома, пред римскиот клуб да го откупи од Челси. Салах постигна 14 гола во 32 настапи во првата сезона во Рома, за следната година да постигне уште 15 во 29 меча пред Ливерпул да го добие за релативно ниски 44 милиони долари.
Откако дојде на „Енфилд“ и од средината се префрли во нападот, Салах има сезона и пол со фантастични резултати. Досега тој има 49 гола во 62 меча за „црвените“ и е клучен човек во тимот на Јирген Клоп во ловот на првата титула од Премиер лигата и прв лигашки трофеј од 1990 година.
Ливерпул тешко дека ќе сакаат да се ослободат од Египќанецот, но како и секогаш, постои понуда која не може да се одбие, каква што претходно добија за Филипе Кутињо од Барселона. Друга опција за Јувентус е Марко Асенсио од Реал Мадрид, кој нема стартувано за шпанските гиганти од декември 2018 година.
Фото: ЕПА