Легендарниот напаѓач на Ливерпул, Џон Олдриџ му советува на менаџерот на „црвените“, Јирген Клоп да не го „носи“ германскиот интернационалец Емре Џан на финалето од ЛШ против Реал бидејќи „неговото срце не е веќе во Ливерпул“.
Џан неколку пати одби да потпише нов договор со Ливерпул, и тој во јуни ќе стане слободен играч со Јувентус како најверојатна идна дестинација. 24-годишниот Џан се врати по повредата на грбот, и Олдриџ верува дека Ливерпул има играчи на кои повеќе им верува.
„Не сум сигурен дали Емре Џан воопшто треба да биде во тимот за Киев, бидејќи неговото срце не е во Ливерпул. Тоа е тешка дилема за менаџерот. Може да го искористи неговото искуство, но може и да се потпре на луѓето чија иднина е во клубот. Многу фанови не би го сакале Џан на клупата. Зошто сака да замине? Пари! Дали италијанската лига е подобра? Не. Јувентус се голем клуб, но Ливерпул има повеќе европски титули од нив. Не знам кој го советува“, вели Олдриџ во интервју за весникот „Ливерпул ехо“.
Фото: ЕПА