Top Sport

Дали Реал и Барса влегуваат во „војна“ за Нејмар?

Откако минатото лето преодниот рок помина во знакот на Кристијано Роналдо и неговото заминување во Јувентус, по сè изгледа ова лето ќе биде во знакот на Нејмар.

Последните неколку денови многу се шпекулираше околу иднината на Бразилецот, откако тој наводно им порачал на првите луѓе на Пари Сен-Жермен дека сака да се врати „дома“ во Барселона, а во исто време претседателот на ПСЖ, Насер Ал-Хелаифи изјави дека кој не сака да игра во клубот може да замине.

Но, каде е Барселона, тука е и Реал Мадрид, и според весникот „Мундо депортиво“, Флорентино Перез има намера да се „бори“ за потписот на Бразилецот и веќе ја пратил првата понуда во Франција.

Нејмар, чиј трансфер од 222 милиони евра од 2017 останува светски рекорд, би пристигнал на „Сантијаго Бернабеу“ за сума од 130 милиони евра, а во исто време Реал би го пратил Герет Бејл или Хамес Родригез во Франција.

„Марка“ пак, вели дека и во Барселона се прават проценки за тоа колку би ги чинел Нејмар, откако вчера францускиот весник „Ле паризиен“ тврдеше дека ПСЖ го процениле фудбалерот на астрономски 300 милиони евра, сума што тешко ќе се постигне. Според мадридскиот весник, претседателот Жосеп Марија Бартомеу би понудил 100 милиони евра, плус двајца фудбалери по избор на ПСЖ од достапните Филипе Кутињо, Усман Дембеле, Иван Ракитиќ и Самуел Умтити.

Scroll to Top