Домаќините Египет во саботата доживеаја шокантно испаѓање од Африканскиот куп на нации по поразот од Јужна Африка, истиот ден кога Аргентина стигна до бронзениот медал на Копа Америка, резултати кои невообичаено одат во корист на Кристијано Роналдо и неговиот обид да стане првиот фудбалер со шест освоени златни топки.
Египет имаше огромни очекувања од домашниот турнир, посебно со ѕвездата на Ливерпул, Мохамед Салах, кој пристигна во Каиро со трофеј од Лигата на шампионите, меѓутоа осминафиналето е дострел кој е секако незабележлив.
Во исто време, Лео Меси доживеа уште една бурна „авантура“ со аргентинската репрезентација, откако беа поразени од Бразил во полуфиналето со контроверзни 2:0, пред во мечот за третото место Меси да го добие само вториот црвен картон во кариерата и да влезе во напад на организаторите ЦОНМЕБОЛ за наводното фаворизирање на Бразил.
Без титули со националниот тим, Меси и Салах си ги нарушија шансите за освојување на „златната топка“, за која во игра е и дефанзивецот на Ливерпул, Виргил ван Дајк.
Роналдо мора да е фаворит, откако ја освои титулата од Лигата на нации со Португалија во јуни, победувајќи ја Холандија на Ван Дајк во финалето. Напаѓачот на Јувентус беше посебно импресивен во полуфиналето, кога постигна хет-трик против Швајцарија. Роналдо ја заврши сезоната со 28 гола во сите натпреварувања, далеку послабо од 51 гол кој ги постигна Меси, но идентично како Салах, кој имаше 27 за Ливерпул.
Аутсајдер кој може да му ги замати сметките на Роналдо е уште еден фудбалер на Ливерпул, Садио Мане, кој имаше 26 гола за Ливерпул и се пласираше во четврт-финалето на Африканскиот куп на нации со Сенегал.