Менаџерот на Манчестер јунајтед, Ерик Тен Хаг останува на своите коментари околу отсуството на Џејдон Санчо од тимот и покрај лутата реакција на Англичанецот на социјалните мрежи, јавува „ЕСПН“, со што неговата иднина во клубот е крајно неизвесна.
Санчо беше исклучен од тимот кој загуби со 3:1 од Арсенал во неделата, кога Тен Хаг изјави дека тоа е поради „неговите перформанси на тренинзите“. Само еден час подоцна, Санчо преку социјалните мрежи изјави дека ова е „целосно неточно“ и дека се однесувал добро на тренинзите, коментирајќи дека тој е „жртвено јагне“ поради други проблеми во тимот.
Тен Хаг не гледа причина да даде објаснување за својот коментар, и останува на мислењето дека Санчо во моментов не заслужува место во првиот тим, а клубот може да реши и да му даде дисциплинска казна поради коментарите.
Ова е само последен чин во разочарувачкото време кое 23-годишниот Санчо го поминува на „Олд Трафорд“ по неговото пристигнување од Борусија Дортмунд за 73 милиони фунти во 2021 година. Минатата сезона, Санчо според англиските медиуми имаше „психички“ проблеми, по што Тен Хаг го прати на тренинзи во Холандија, пред тој да биде релативно постојан во вториот дел од сезоната. Оваа сезона, пак, тој има три настапи како замена.
Тен Хаг во минатото остро ја казнуваше недисциплината во Јунајтед – во 2022 година по интервјуто на Кристијано Роналдо, неговиот договор беше раскинат. Во декември 2022, тогаш најдобриот играч на „ѓаволите“, Маркус Рашфорд беше пратен на клупа поради доцнење на состанок.