Кариера каква што тешко дека ќе се повтори. Тоа е сигурно по Светското првенство во Катар, каде што Лео Меси го крена трофејот „Жил Риме“, влегувајќи во елитата на светскиот фудбал како еден од најдобрите, ако не и најдобриот, поставувајќи се во позиција да биде прогласен за G.O.A.T. (The Greatest of All Time).
10 трофеи од Ла лига, 1 од француската Лига 1, 7 од Копа дел Реј, 7 од Суперкупот на Шпанија, 4 од Лигата на шампиони, 3 од Суперкупот на УЕФА, 3 Светски клупски првенства, 1 Копа Америка и од денеска 1 Светско првенство. Сите овие трофеи се во колекцијата на Аргентинецот.
„Вечното“ ривалство со Кристијано Роналдо сега може да биде ставено на страна, бидејќи до неодамна сите му „забележуваа“ на Аргентинецот дека не направил ништо со својата репрезентација. Трите порази во низа во финалињата на Копа Америка и болниот пораз од Германија на СП во 2014 секогаш му „тежеа“ на Меси. Но, последните две години, тој прво ги предводеше „албиселесте“ до победа над Бразил во финалето на Копа Америка сред „Маракана“ во Рио, за сега кругот да биде заокружен со големата титула од Катар. Веќе нема сомнеж.
Графика: Sofascore за Топспорт.мк