Top Sport

Дани Алвеш: Во Барселона не им е грижа за тие кои напишаа историја со клубот

Бразилскиот ветеран Дани Алвеш признава дека е разочаран од начинот на кој заминува по вторпат од Барселона, оценувајќи дека на главните луѓе во клубот не им е грижа за луѓето кои напиша историја со клубот.

Алвеш се врати на „Ноу Камп“ на крајот на минатата година, и имаше само 17 настапи за клубот, по што призна дека би сакал да добие поинаков третман од лидерите и објаснува дека ќе биде потребно време клубот да се врати меѓу европските гиганти.

„Не си заминав тажен, си заминав среќен што се вратив во Барселона. Пет години сонував за тој втор момент, и единствено не ми се допаѓа како беше направено моето заминување. Од моментот кога се вратив кажав јасно дека веќе не сум 20-годишник и сакам директно да се кажуваат работите, без криење. Но, овој клуб грешеше во послените години. Во Барселона не им е грижа за тие кои напишаа историја со клубот. Би сакал да биде поинаку. Не зборувам само за себе, бидејќи јас сум вечно благодарен на Чави и на претседателот што ме донесоа. Јас сум за Барселона од почеток до крај, но работите се компликувани. Фудбалот е колективна игра и тоа го нема во клубот“, вели Алвеш во интервју за „Гардијан“.

39-годишниот Бразилец не е подготвен да се повлече и има понуди од Мексико и Шпанија во обид да остане во форма до Светското првенство во Катар.

„Знам дека сите зборуваат за моите години, дека сум престар. Но, сега имам искуство кое го немав пред 20 години. Кога има големи мечеви, 20-годишниците се нервозни и загрижени, но јас не сум“, додава Алвеш.

Scroll to Top