Во последниот натпревар пред новата двонеделна пауза, Манчестер јунајтед на домашен терен го победи Лутон со 1:0.
Тоа беше нивна четврта победа во последните пет натпревари во Премиер лигата, но не помина без дополнителни проблеми.
Менаџерот Ерик тен Хаг, кој имаше многу проблеми со повредите на играчите од почетокот на сезоната, сега има нова главоболка Данците, Кристијан Ериксен и Расмус Хојлунд не го завршија натпреварот и прашање е до кога ќе паузираат.
Ериксен се лизна кон крајот на првото полувреме и се пожали на болки во пределот на коленото, додека проблемот на Хојлунд најверојатно е задната ложа.
Тен Хаг по натпреварот не можеше да прецизира за што се работи и рече дека состојбата на нивните повреди ќе се знае дури по деталните прегледи.
Во секој случај, за среќа на клубот нема да има натпревари две недели, па би можеле да имаат доволно време за опоравување, а до крајот на месецот се очекува да се врати и Лук Шо.
Менаџерот на Јунајтед нема да може да го предводи тимот од клубот на првиот претстоен натпревар, на гостувањето кај Евертон на 26 ноември.
Против Лутон, пред крајот на натпреварот, судијата Џорџ Скот му покажа жолт картон поради приговор.
Со оглед на тоа што му е трет жолт картон сезонава, тој ќе мора да пропушти еден натпревар, а тимот од клупата ќе го водат неговите помошници Мичел ван дер Гаг и Стив Мекларен.