Денеска е денот на прогласувањето на светскиот првак во фудбал, нацијата која следните четири години ќе биде на тронот, во епска битка на Давид против Голијат, на талентираната огромна Франција против малата, но упорна Хрватска.
Според многумина, шампионот веќе е одреден – тоа се Французите. Несомнено, тие го имаат еден од најталентираните тимови на Мундијалот – од Погба, до Гризман, Варан, завршувајќи со фантастичниот тинејџер Килијан Мбапе, кој со право е споредуван со Пеле.
Покрај тоа, Французите влегоа во финалето без вистински да се испотат против било кој противник. Со доза на ароганција, тие ги контролираа сите противници од стартот до финишот на мечот, понекогаш дури играјќи досадно, знаејќи дека кога е потребно можат да го кренат своето ниво. Ова посебно беше видливо во дуелот со Белгијците, кои по мечот го обвинија тимот на Дидие Дешам дека игра „анти-фудбал“.
Од другата страна се Хрватите, со само една вистинска суперѕвезда во тимот, фантастичниот Лука Модриќ, кој дури и во својата земја не омилен поради поврзаноста со корупцискиот скандал со поранешниот прв човек на Динамо, Здравко Мамиќ. Само пред две години на Евро 2016, дел од хрватските навивачи намерно фрлаа факли на теренот за нивниот тим да биде исфрлен од натпреварувањето.
Покрај тоа, за разлика од францускиот „лет“ кон финалето, ништо не беше лесно за Хрватска… Во трите нокаут натпревари (Данска, Русија, Англија), Хрватите губеа, пред некако да се вратат во игра. Три меча по 120 минути, две победи на пенали (Данска и Русија) и една драматична победа над Англија.
Разликата може да се види и кај селекторите. Дидие Дешам и Златко Далиќ се исти по тоа што двајцата беа дефанзивни играчи од средниот ред пред СП во 1998. Дешам беше на теренот како капитен на славниот француски тим, додека Далиќ беше на трибните како обичен гледач додека Хрватска го освојуваше третото место.
По пензионирањето, Дешам беше тренер на клубови како Монако, Јувентус и Марсеј, пред во 2012 година да стане француски селектор. Далиќ беше помошник тренер пред да работи во Хрватска, Албанија и Саудиска Арабија. Тој стана селектор во октомври кога не се знаеше дали „коцкестите“ ќе се пласираат на Мундијалот откако го загубија првото место во групата од Исланд.
Пресметката почнува во 17 часот.