Голманот на Манчестер јунајтед, Давид де Хеа признава дека не чувствува иста „љубов и почит“ во неговата татковина Шпанија, како што се чувствува во Англија.
27-годишниот Де Хеа дојде на „Олд Трафорд“ во 2011 година, и во дресот на „ѓаволите“ се промовираше во еден од најдобрите голмани на светот. Тој ќе биде стартер на Светското првенство во Русија ова лето, откако селекторот Хулен Лопетегуи го преферира пред Пепе Реина (Наполи) и Кепа Аризабалага (Атлетик).
Во пријателскиот меч против Германија во петокот (1:1), тој по 26. пат го носеше националниот дрес, но вели дека во Шпанија не е меѓу најомилените фудбалери.
„Во Англија чувствувам голема љубов и почит која не ја чувствувам тука. Но, кога ќе дојдам во националниот тим, чувствувам вредност и почит внатре во тимот и тоа е најважното“, изјави Де Хеа за „Гол“.
Тој постојано е поврзуван со шпекулациите за трансфер во Реал Мадрид, откако во 2015 година овој трансфер „пропадна“ поради административна грешка. Веднаш потоа тој потпиша нов договор и останува во Премиер лигата барем до 2019 година, со опција за 2020.
Фото: ЕПА
Де Хеа го израмни голманскиот рекорд во Премиер лигата (видео)