Италијанскиот шампион Милан на крајот ќе успее да го ангажира фудбалерот на Клуб Бриж, Шарл де Кетеларе, тврдат медиумите на Апенините. 21-годишниот белгиски играч се согласил и на помала плата од претходно договорената само за да се пресели на „Сан Сиро“.
Де Кетеларе првично се договори да го облече дресот на Милан за 2,5 милиони евра годишна плата, но откако запнаа преговорите за отштетата меѓу двата клуба, фудбалерот мораше да направи отстапки во својот дел.
Клуб Бриж не попушта околу отштетата и стриктно бара 35 милиони евра, а Милан беше подготвен да плати 5 милиони помалку.
Сепак, за да го забрза преговарачкиот процес, самиот фудбалер направи отстапки за висината на платата и наместо 2,5 милиони евра доби 2,2 милиони. Неговиот договор се очекува да биде до летото 2027 година.