Претседателот на Наполи, Аурелио де Лаурентис инсистира дека неговата прва ѕвезда, нигерискиот напаѓач Виктор Осимен не е на продажба бидејќи клубот нема долгови и ги предупреди своите фудбалери да не го потценат Ајнтрахт Франкфурт во Лигата на шампиони како што лани направија Барселона.
Осимен е најдобриот стрелец во Серија А оваа сезон со 16 гола во 17 настапи и подолго време е поврзуван со трансфер во Челси и Манчестер јунајтед.
„Виктор не е на продажба. Нашите играчи се на висока цена, но ние немаме потреба да ги продаваме, бидејќи немаме долгови“, вели Де Лаурентис во интервју за „Билд“, посочувајќи на ривалите Јувентус, кои имаа загуба од 250 милиони евра во 2021/22 и добија казна од 15 поени поради финансиски нерегуларности.
Наполи имаат само два порази во сите натпреварувања оваа сезона и имаат предност од 13 пони пред Интер, а во Лигата на шампионите ќе се судрат со шампионите од Лига Европа, Ајнтрахт со прв меч во Германија на 21 февруари.
„На почетокот сите велеа дека се работи за лесна ждрепка, но не е така. Не е случајно што тие се тука и не треба да мислиме дека сме подобар тим. Барселона се однесуваа така лани и ние нема да згрешиме така“, вели Де Лаурентис.