Дефанзивецот на австрискиот клуб Салцбург, Патрик Фаркаш открива дека имал мозочен удар при подготовките за мечот од Лигата на шампионите против Наполи во октомври.
27-годишниот Австриец колабирал на тренинг на 21 октомври, но клубот не ја откри сериозноста на неговата состојба до минатиот викенд, кога преку официјалниот Јутјуб канал објавија што му се случи.
„Немам ништо за криење и сите треба да дознаат што се случи – тоа беше мозочен удар. Бев затвореник на моето тело. Сакав да се движам, но не можев. Мислев дека е крај“, изјави Фаркаш, кој вели дека проблемот се случил поради „дупка“ во неговото срце, кое пратило тромб во мозокот.
По два месеци тој се вратил на тренинзи и иако добива средства за разредување на крвта, најавува враќање во тимот на почетокот на следната година и е сигурен дека нема да му биде потребна операција.
„Сакам да го ставам ова зад мене, но исто така сакам и информации. Досега на Интернет не најдов спортист кој имал слично искуство, и ако постои таков може да ме контактира“, вели Фаркаш.