Драмата на натпреварот помеѓу Данска и Украина за среќа имаше позитивен исход. Данскиот фудбалер Кристијан Ериксен (34) се струполи во 65-та минута, но по десетминутна медицинска интервенција, стана и сам го напушти теренот, проследен со аплауз од трибините. Натпреварот заврши кратко потоа, во 79-та минута.
Сцените потсетуваа на Европското првенство во 2021 година, кога Ериксен доживеа срцев удар, и овој пат играчите формираа круг околу него додека му помагаа. Тој го напушти теренот со помош на сопругата.
Докторот на данската репрезентација, Мортен Боесен, зборуваше за состојбата на Ериксен.
„Кристијан е добро и сам го напушти теренот. Колку што можам да видам, дефибрилаторот работеше како што требаше. Извесно време ја изгуби свеста, но многу брзо ја врати и набрзо повторно стапивме во контакт со него“, рече Боесен.
Тој подетално опиша што се случило за данската ТВ2: „Мислам дека го видов како се фаќа за градите, а потоа се струполи. Доста брзо се освести, мислам дека уредот добро работеше и го врати во живот.“
Да ве потсетиме дека по инцидентот на натпреварот против Финска на ЕП во 2021, на Ериксен му беше вграден дефибрилатор. Овој уред користи електроди за следење на срцевиот ритам, а доколку детектира опасни отчукувања, испорачува електричен шок за да ги нормализира.
„Сега треба да се направат дополнителни тестови во болницата за да се утврди што го предизвикало инцидентот. Постојано сме во контакт со него и со лекарите во болницата. Кристијан е добро и ме замоли да ги поздравам сите играчи и да им кажам дека е добро“, додаде Боесен.
