Фудбалска Англија се уште се занимава со казната што УЕФА им ја изрече на Манчестер сити. Европската куќа на фудбалот, во петокот, им изрече две годишна суспензија на „граѓаните“ од Манчестер. Поради непочитувањето на правилата пропишани со финансискиот фер-плеј Сити се казнети и парично со 30 милиони евра. Сити манипулирале со износите од спонзорските договори за да ја прикријат големата разлика помеѓу приходите и расходите.
Што понатаму? Ова е најчестото прашање во Англија кога се работи за иднината на Манчестер сити. Има секакви шпекулации за иднината на тренерот и најголемите ѕвезди, иако допрва жалбата на Сити ќе ја разгледува Судот за спортска арбитража во Лозана.
Многумина најавуваат дека Сити ќе се растурат, но „Дејли Мејл“ во денешното издание тврдат дека тоа нема да се случи.
Во клубот биле одржани неколку кризни состаноци, а тренерот Пеп Гвардиола им посочил на играчите дека мора да бидат фокусирани на натпреварот со Реал наредната недела.
Исто така тренерот рекол дека негова желба е да го одработи договорот кој му истекува во јуни 2021 година.
„Гвардиола во својот договор има клаузула која му дозволува да го напушти клубот по завршувањето на оваа сезона, но нашите извори тврдат дека Шпанецот ќе го одработи договорот до крај, односно до летото во 2021 година. Ваквата негова одлука го поправило расположението кај фудбалерите. Веројатно е дека нема да заминат сите ѕвезди“, пишува во текстот на „Дејли Мејл“.
Прв од играчите се изјаснил Рахим Стерлинг кого поврзуваат со Реал Мадрид. Англискиот репрезентативец преку својот менаџер порачал дека бил фокусиран на обврските во Сити и дека не го интересираат приказните околу неговото заминување.