Top Sport

Дембеле и Кин блескаа во ремито меѓу Барса и Јуве

Барселона и Јувентус одиграа без победник (2:2) на пријателскиот натпревар одигран на стадионот „Котон Боул“ во Далас, САД. Каталонците двапати водеа преку Осман Дембеле во 34. и во 40. минута, но италијанскиот тим успеваше да израмни со головите на Моисе Кин во 39. и во 52. минута.

Натпреварот започна со сериозен притисок на Барса и нереализирани шанси на Осман Дембеле и на Роберт Левандовски. Јуве одговори со удар од далечина на Анхел Ди Марија.

Во 34. минута, Барселона дојде во водство. Дембеле продре по десната страна, совлада неколку дефанзивци на противникот и со дијагонален удар ја испрати топката во голот за 1:0.

Јувентус успеа да израмни во 39. минута. Хуан Куадрадо доби додавање од левата страна, нафрли паралелно на гол линијата до Моисе Кин, кој од непосредна близина ја затресе мрежата за 1:1.

Сепак, радоста на Јувентус кратко траеше и веќе во следната минута Барселона го врати водството, а херој повторно беше Дембеле, кој постигна гол сосема идентичен како првиот. Повторно беше активен на десно крило, помина неколку играчи на противникот и со левата нога шутираше за 2:1.

Сепак, Јуве успеа да возврати на почетокот на вториот дел. Во 52. минута Денис Закарија го проигра Мануел Локатели, тој подготви шанса за Кин, а напаѓачот реализираше за конечни 2:2.

Scroll to Top