Ѕвездата на Барселона, Усман Дембеле, по огромните критики за неговата игра, посветеност и професионалност, конечно, е во вистинска форма за каталонскиот клуб, и признава дека „потрошил ужасно многу време“ со повредите во последните пет години.
Барселона сакаше да го продаде Дембеле минатиот јануари, откако тој одбиваше да го продолжи договорот, но со пристигнувањето на Чави Ернандез на клупата на „Ноу Камп“ доби втора шанса во тимот, и целосно ја искористи. Тој вели дека критиките кон него не биле без основа, но дека медиумите ги „преувеличувале“ работите.
„Од 2017 до 2021 потрошив ужасно многу време. Загубив пет години од мојот живот. Морав напорно да работам за да можам да играм, да бидам здрав и конечно, да покажам што умеам. Имав многу проблеми со бутните мускули, а тренерите инсистираа дека морам да работам. Со Куман почнав да бидам подобар, а со Чави е одлично. Кога дојдов во Барса бев многу помлад, и секако дека излегував и се забавував, но не толку како што си замислуваа дел од луѓето“, вели Дембеле, чија добра форма му донесе и повик во француската репрезентација.