По поразот на домашен терен од Брајтон со 2:1 на стартот од новата сезона во Премиер лигата, Манчестер Јунајтед во 2. коло во саботата доживеа дебакл на гостувањето кај Брентфорд. Тимот од Лондон за 35 минути, во првиот дел, постигна четири гола.
Менаџерот на Јунајтед, Ерик тен Хаг, по мечот, ги обвини играчите за поразот и ги повика да преземат одговорност.
Новиот тренер на Јунајтед, лут од дебаклот, вчера им го одзеде слободниот ден на фудбалерите. Тој ги натерал да истрчаат 13,8 километри, што не е случајно. Толку повеќе, колективно, истрчале играчите на Брентфорд во саботата.
Манчестер јунајтед по две кола од Премиер лигата е заглавен на самото дно на табелата без бодови и со гол разлика 1:6, па првите бодови ќе ги бара следниот понеделник на 22. август во големото дерби на „Олд Трафорд“ против Ливерпул.