Top Sport

Дешам и Французите подготвени да го натераат Хареиде да ги „изеде“ зборовите

Коментарите за француската репрезентација на данскиот селектор, Оге Хареиде пред Мундијалот само додаде „сол, бибер и оцет“ на пресметката од групата Ц, вели селекторот на „триколорите“, Дидие Дешам.

Норвежанецот Хареиде во интервју за данскиот весник „Јиландс-Постен“ изјави дека воопшто не е импресиониран од француските ривали, со потсмев велејќи дека Пол Погба внимава само на својата фризура.

Дешам беше прашан дали ова додава зачин на мечот во кој на Данска и е потребен поен за да обезбеди место во осминафиналето покрај Французите.

„Сол, бибер, оцет… Што сакате. Секој може да кажува што сака, но потоа да си преземе одговорност за своите зборови. Не е многу пријатно така да се коментира за другите. Моите фудбалери знаат точно што тој кажа, бидејќи читаат, слушаат“, вели Дешам.

Тој исто така вели дека не верува дека Мундијалот ќе биде последен за Погба, откако тој самиот најави такво нешто.

„Не верувам во тоа. Тој има 25 години и за четири години ќе има само 29. Дали е сменет? Јас постојано го гледам истиот Пол Погба. Нема да се смени за 15 дена. Помина низ тешки периоди, и доби искуство. Мислам дека е среќен и многу мотивиран“, додава Дешам.

Scroll to Top