Top Sport

Уругвајците ги вратија Русите во реалноста, Саудијците со шок за Салах и Египет (видео)

Уругвај ја смири еуфоријата во Русија по двете победи на домашната репрезентација на Мундијалот, откако со победата од 3:0 го обезбедија првото место во групата А, додека Египет, ниту со магичниот гол на Мохамед Салах не успеа да донесе победа над Саудиска Арабија по 1:2 поразот во последните минути од мечот.

Овој резултат најверојатно значи дека Уругвај ќе игра со подобриот од дуелот Иран-Португалија од групата Б, додека домаќините би се „судриле“ со моќната Шпанија.

Исходот на мечот меѓу двата тима кои одат понатаму, Уругвај и Русија, беше решен уште во првото полувреме, откако Уругвајците постигнаа два „лесни“ гола, а Русија остана со играч помалку, по што мечот во Самара само рутински се доведе до крајот.

Луис Суарез ја искористи првата вистинска шанса на натпреварот за во 10. минута со успешно избегнување на живиот ѕид да постигне убав гол од слободен удар одговорајќи на критиките дека „никаде го нема“ на Мундијалот.

Веќе во 23. минута беше 2:0, откако ударот на Диего Лаксалт беше пренасочен од Денис Чернишев и го „излажа“ Игор Акинфеев за молк на гласните руски навивачи. Во 36. минута, Русија остана со играч помалку откако Игор Смолников доби црвен картон, по што стана јасно дека „зборнаја“ нема да може да биде рамноправен противник.

Во 90. минута, Уругвај стави точка на натпреварот, откако по ударот со глава на Диего Годин кој Акинфеев го одбрани, Единсон Кавани конечно се запиша во листата на стрелците со удар со глава.

Во Волгоград пак, се играше натпревар без никакво резултатско значење, но со многу гордост и историја на теренот. Египет не успеа да се збогува со победа на шампионатот, откако одличниот лоб-удар на Мохамед Салах не беше доволен да се извлече победа против Саудиска Арабија, која во 90. минута постигна шокантен гол за 2:1 победа.

Мечот беше значаен по тоа што египетскиот голман Есам Ел Хадари стана најстариот фудбалер на едно СП, откако со 45 години стартуваше на „Волгоград арената“. Тој успеа да одбрани пенал во 41. минута од мечот, меѓутоа не и вториот обид од белата точка на Салман Ал-Фараџ во последните секунди од првото полувреме.

Кога се мислеше дека двете репрезентации ќе си одат дома со по еден поен, Салем Ал-Давсари донесе изненадувачка победа за азиската репрезентација.

Фото: ЕПА

Scroll to Top