Дидие Дешам очигледно не планира да го врати Карим Бензема во француската репрезентација и покрај притисокот да се направи тоа, велејќи дека никогаш нема да ги заборави обвинувањата на напаѓачот дека селекторот потклекнал под притисок од расистите.
Бензема, кој има 27 гола во 81 настапи за Франција, не е дел од „триколорите“ од октомври 2015, откако беше уапсен за обидот за уцена на соиграчот од репрезентацијата Матју Валбуена за наводна секс-лента. Овој месец беше потврдено дека 33-годишниот напаѓач на Реал ќе оди на суд за овие обвинувања.
Откако Дешам не го повика за настап на Евро 2016, Бензема изјави дека тој потклекнал под „расистичкиот дел на Франција“, а неколку дена подоцна на куќата на Дешам беа напишани графити обвинувајќи го дека е расист.
„Тоа е дамка на неговата историја. Дури иако со време ситуацијата се смири, не можам да заборавам. Не е само Карим Бензема, имаше изјави од други луѓе кои донесоа вандализам на мојот дом и притисок на моето семејство. Кога ќе се допре моето семејство се поминува линијата и тоа е неприфатливо. Јас страдав од последиците на тие изјави. Не можам да заборавам. Никогаш нема да заборавам“, вели Дешам.