Францускиот селектор Дидие Дешам ја поддржа одлуката на националната федерација за прекинување на сезоната во Лига 1, инсистирајќи дека Премиер лигата и Ла лига продолжуваат само поради финансиски причини.
Контроверзната одлука во Франција да се прекине Лига 1 и да се прогласи Пари Сен-Жермен за шампион донесе многу проблеми, како најавите за тужби од одредени клубови. Во Германија, пак, Бундеслигата веќе се рестартираше, додека слични планови има и во Англија, Шпанија и Италија. Дешамп вели дека се работи за финансиска одлука.
„Не сакам да осудувам, да префрлам вина, но условите не се секаде исти. Ја следам Бундеслигата по враќањето во Германија и тоа изгледа на фудбал. Не зборувам за брзината или интензитетот на мечевите, но некои работи не се на место. Ги гледам фудбалерите со контакти и со стартови, а потоа на трибините замените со маски и на два метра. Не го разбирам тоа. Видете ги одлуките во Шпанија и Англија. Тие земји планираат рестартирање на лигите, но не и на женските шампионати, бидејќи тие не носат толку пари. Тоа кажува сè“, вели Дешам.