Top Sport

Девет лица уапсени за нападот врз автобусот на Лион

Француската полиција приведе девет лица и трага по други осомничени по нападот на автобусот на фудбалскиот тим Лион во кој беше повреден тренерот Фабио Гросо, изјави министерот за внатрешни работи Жералд Дарманин.

Натпреварот меѓу Марсеј и Лион беше одложен, бидејќи хулиганите го каменуваа автобусот кој ги превезуваше играчите на Лион до стадионот „Велодром“.

Министерот за телевизијата „БФМ“, изјави дека пет полицајци се повредени во нападот, кој привлече големо внимание на јавноста во Франција поради загриженоста за насилните испади на хулиганите.

„Срам и одвратност“, е насловот на насловната страница на весникот „Лекип“, со фотографија на раскрвавеното лице на Гросо.

Нападот најверојатно нема да доведе до дисциплински мерки за Марсеј, бидејќи инцидентот се случил надвор од „Велодром“, одговорноста е на властите, а не на клубот.

Случајот беше преземен од Комитетот на француската лига задолжен за закажување на натпреварот, а не од Дисциплинската комисија.

Искршени се стаклата на автобусот, а Гросо се здоби со длабока расекотина над левото око и има неколку конци. Исто така, повреден е и неговиот помошник Рафаело Лонго. Нападнат е и автобус со навивачи на Лион.

Претседателот на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино изјави дека „на насилството нема место во фудбалот, на теренот и надвор од него“ и ги повика властите да преземат соодветни мерки.

Министерката за спорт Амели Уеда-Кастера повика на „глобален одговор“ и ги повика француската лига, клубовите и навивачките групи да преземат одговорност. На француската телевизија таа побара построги казни за напаѓачите.

Претседателот на Олимпик Марсеј, Пабло Лонгорија, рече дека нападот е неприфатлив и му посака на Грос брзо закрепнување.

Scroll to Top