Легендата на Вест хем, Италијанецот Паоло ди Канио открива дека ја одбил понудата од Сер Алекс Фергусон за трансфер во тогаш доминантниот Манчестер јунајтед во 2001 година поради верноста кон навивачите на „чеканите“.
Ди Канио пристигна во Вест хем во 1999 година и стана капитен на клубот, по што иако тогаш имаше 33 години го привлече интересот на Фергусон, кој му се јавил на Божиќ во 2001 година.
„Искрено, мислев дека е шега на еден мој пријател од Италија. Потоа стомакот ми се сврте, бидејќи помислив можеби сум поголем од тоа што си мислам. Те бараат Манчестер јунајтед. Неколку моменти се чувствував голем и силен. Ми беше чудно да му речам не на Сер Алекс. Му кажав: ’Илјада пати Ви благодарам, но не можам. Вест Хем се моето семејство кое ме прифати во најтешките моменти во мојот живот, а сега сум капитен’. Тој одговори: ’Паоло, само почит за ова. Ги сакам луѓето кои се такви и навистина си човек каков што верував дека си’“, открива Ди Канио.
Во тој момент, Јунајтед беа актуелни шампиони и најуспешниот тим во Премиер лигата со 7 титули во 9 години, но Ди Канио инсистира дека не жали за одлуката.
„На крајот останав во Вест хем и не жалам за тоа, иако Јунајтед беа најдобри, освоија Лига на шампиони. Не би ги земал тие титули за четири и пол години во кои го носев дресот на Вест хем“, додава Ди Канио.