Анхел Ди Марија, еден од милениците на аргентинските фанови, ќе биде подготвен за четвртфиналната пресметка со Холандија, на Светското првенство во Катар. Ди Марија, поради повреда, не играше во осминафиналето против Австралија (2:1).
Ди Марија, против Холандија, ќе има мотив плус, во ликот на Луј ван Гал. Крилниот напаѓач никогаш не криел дека Ван Гал бил причината поради која по само една сезона го напушти Манчестер јунајтед.
„Мојот проблем во Манчестер јунајтед беше тренерот. Ван Гал е најлошиот тренер што сум го имал во кариерата“, изјави пред неколку години, Ди Марија за аргентинскиот „TyC Sports“.
Тогаш подетално објасни и каде пукнала врската со Ван Гал.
„Ќе се случеше да дадам гол и да асистирам, а следниот ден тој ми покажуваше видеа од сите погрешни додавања што ги направив на натпреварот. Тој ми ја менуваше позицијата од натпревар во натпревар. Тој не толерира играчите да бидат над него“.
Аргентина и Холандија, утре својот дуел ќе го започнат во 20 часот. Во полуфиналето, победникот од овој натпревар ќе игра против подобриот од дуелот Бразил-Хрватска.