Top Sport

Џака очекувал поддршка од ФС на Швајцарија

Швајцарскиот репрезентативец Гранит Џака бил разочаран од изјавата на генералниот секретар на Фудбалскиот сојуз на оваа земја, Алекс Мишер, кој рекол дека час поскоро мора да биде решен проблемот со играчите што имаат двојни државјанства.

Во оваа група на швајцарски репрезентативци спаѓа и играчот на Арсенал. Џака е Албанец од Косово, а неговата прослава на голот против Србија ја иницираше изјавата на Мишер.

„Мишер ги разочара играчите во репрезентацијата и сите оние што во иднина ќе дојдат на нашите места. По спорните прослави на головите очекувавме поддршка, а погледнете што добивме. Од неговата изјава можам да заклучам дека тој не им верува на играчите со двојни државјанства, а ние го даваме максимумот кога играме за Швајцарија“, рекол Џака.

„Моите корени се од Косово, Емболо е од Камерун, Аканџи од Нигерија, а Родригес е пола Шпанец, пола Чилеанец. Дури и селекторот Петковиќ има двојно државјанство. Изјавата на Мишер не враќа во камено време“, дополнил Џака.

Инаку, зборовите на Мишер се уште не се и официјален став на Фудбалскиот сојуз на Швајцарија. Тој по изјавата упатил извинување до фудбалерите што се почувствувале навредени од неговите зборови.

Scroll to Top