Џенова не успеа да освои нови поени со кои речиси сигурно ќе го обезбедеше опстанокот во Серија А, откако дома загуби со 1:2 од Сасуоло, кои пак со трите поени се поместија на позиција која ги носи во Лига Европа.
Со Горан Пандев како стартер (кој одигра 68 минути), Грифоне примија гол уште во 14. минута преку Џанлука Распадори, а потоа во 28. минута им беше поништен гол поради фаул. Во 66. минута Доменико Берарди зголеми на 0:2, пред во 85. минута Давиде Запакоста да даде гол за интересен финиш.
Сасуоло сега ја помина Рома на седмото место на табелата со 56 поени, иако „волчицата“ која заостанува еден поен има меч помалку. Џенова остануваат 14. со 36 поени, пет над зоната за испаѓање со само три меча до крајот на сезоната.