Барселона извлече тешко 2:2 реми против каталонскиот ривал Џирона во последниот меч од петтото коло во Ла лига, по што останува на врвот на табелата со 13 поени, но сега исто толку има и Реал Мадрид.
А сѐ започна како под сценарио на „Ноу Камп“. Артуро Видал го пронајде Лео Меси во шестнаесетникот во 19. минута и на Аргентинецот не му беше тешко да го совлада противничкиот голман.
Меѓутоа, клучниот момент се случи во 35. минута кога Ленгле доби црвен картон поради суров старт над ривалот, и Барса до крајот на натпреварот беше со играч помалку. Ова го искористи Кристијан Стуани, кој во 45. минута израмни на 1:1, а во 51. минута го замолче „Ноу Камп“ со втор гол за водство на малиот тим.
Поен за Барса спаси ветеранот Жерард Пике во 63. минута откако по акцијата на Лео Меси и Артуро Видал, топката дојде до неговата глава.
Фото: ЕПА