Реал Мадрид првпат во својата историја ја освои Младинската Лига на шампиони на УЕФА, откако во интересен меч со 3:2 ги совладаа Бенфика. Ова е прв трофеј од ова натпреварување за „кралевите“ од воспоставувањето на младинската ЛШ во 2014, а оттогаш Барселона и Челси имаат по две титули.
Пабло ги донесе младите „кралеви“ во водство во 26. минута, а и покрај теренската иницијатива на португалскиот клуб, на полувреме се отиде со 2:0 водство за Реал, по автоголот во 45. минута од мечот.
Бенфика намали на 1:2 во 49. минута преку Гонсало Рамос, но Реал веќе во следниот напад преку Мигуел Гутиерез ја врати предноста од два гола. Гонсало повторно постигна гол во 58. минута од мечот, а 10 минути подоцна, Бенфика имаше совршена шанса да израмни по досудениот пенал, но ударот на Тијаго Данташ заврши во рацете на голманот Луис Лопез.
Трофејот исто така претставува прв трофеј во тренерската кариера на Раул Гонзалез, легендата на „кралевите“.