Претседателот на Црвена звезда, Звездан Терзиќ, во интервју за „ТВ Прва“, рекол дека клубот функционира совршено и дека долгот не е 60 милиони евра, како што објави независниот ревизор.
Терзиќ тврди дека Црвена звезда должи 35 милиони евра и дека е тоа оперативниот долг.
„Според независниот ревизор долгот е поголем, но тоа се категории кои Црвена звезда нема обврска да ги плаќа, а мораат да се внесат во книгите. На пример ако ја продадеме „Маракана“, тогаш ќе мораме да платиме данок од 4,5 милиони евра. Па ние никогаш нема да го продадеме стадионот“, рекол Терзиќ и продолжил.
„Она што ние го направивме во последните седум години ќе се учи на факултетите. Кога дојдовме во 2014 година имавме 250 тужби, а играчите бегаа од клубот. Сега, платите се редовни, а претходно ни зборуваа дека клубот не може да биде спасен. За седум години пет пати сме биле шампиони, два пати игравме во Лигата на шампионите. Кога нема да бидеме шампиони, јас ќе заминам од клубот. Тоа е моја професионална обврска“.
Србија, оваа сезона се бори за две места во квалификациите во Лигата на шампионите.
„И тоа ќе се случи. Црвена звезда многу направи за српскиот фудбал, на добра пат сме да добиеме два клуба во квалификациите за ЛШ. Дојдовме во ситуација, Партизан да навива за нас, бидејќи тие не би играле во Конференциската лига, туку во квалификациите за ЛШ“, заклучил првиот човек на најтрофејниот српски клуб.