Top Sport

Домашниот терен е предност за Шкендија и за Струга ТЛ во полуфиналните дуели од Купот

Актуелниот освојувач на Купот, тимот на Македонија ЃП, гостува во Тетово и ќе ги одмери силите против Шкендија во полуфинална пресметка од најмасовното натпреварување. Фудбалерот од средниот ред на Шкендија, Флорент Рамадани, верува дека неговиот тим ќе успее да се пласира во финалето.

„Се знае дека покрај првенството имаме големи амбиции да одиме далеку и во Купот на Македонија. Се игра само еден натпревар и мораме да имаме максимален пристап и да бидеме внимателни. Атмосферата во тимот е многу добра, сите сме подготвени и подготвени да дадеме сѐ од себе за да победиме. Имаме респект кон Македонија ЃП, тимот кој актуелен освојувач на пехарот. Домашниот терен ќе биде голем плус за нас, очекуваме поддршка од „Балистите“ кои се наш 12-ти играч за нас. Верувам дека ќе се пласираме во финалето“, изјави Флорент Рамадани.

Лидерот на табелата во Првата лига, Струга Трим Лум, во второто полуфинале е домаќин на Силекс. Тренерот Шпетим Дуро верува дека тимот може да обезбеди историски пласман во едно финале на Купот на Македонија.

„Многу важен натпревар за нас. Играме полуфинале и со само деведесет минути можеме до финале, што е целта на овој тим. Но, тоа не значи дека се откажуваме од трката за титулата. Двете екипи кои ќе истрчаат на терен се многу квалитетни и ќе одлучуваат нијанси. Ние сме подготвени за овој предизвик, но ќе останеме тивки надвор од теренот сѐ што сакаме да кажеме ќе биде на самиот натпревар“, изјави тренерот на Струга Трим Лум, Шпетим Дуро.

Натпреварите од полуфиналето на Купот на Македонија се закажани за 15 часот во Тетово и во Струга.

Scroll to Top