Актуелниот првак Шкендија има огромни 14 бода негатива во однос на лидерот Шкупи, но се надева дека барем малку ќе ја намали доколку победи денеска (15 часот) на гости против Скопје. Тетовци ќе бидат без капитенот Егзон Бејтулаи, но крилниот напаѓач Љупчо Дориев најавува триумф.
„Шкендија е навикната секогаш да гледа напред, ние сме тим кој секогаш игра за победа и така ќе биде и на денешниот натпревар против Скопје. Додека има уште математика која го одржува првенството во живот, ние ќе се бориме да го извлечеме максимумот. Кога првенството влегува во третата и последна фаза, сите екипи се максимално фокусирани, особено кога играат против Шкендија. Но, верувам дека ќе излеземе како победници на овој натпревар“, вели крилниот напаѓач Љупчо Дориев.
Академија Пандев гостува кај Тиквеш во Кавадарци, а Борец ја пречекува Македонија ЃП. Во Тетово ќе играат Ренова и Работнички, а во Битола, Пелистер ќе биде домаќин на Брегалница.
Вчера, лидерот Шкупи славеше на гости против Струга Трим Лум со 1:3.