Навивачот на Евертон кој со детето в раце ги удираше фудбалерите на Лион на натпреварот одигран во Лига Европа доживотно е исфрлен од „Гудисон парк“.
Клубот од Ливерпул реагираше експресно и по неполни 12 часа по завршувањето на натпреварот, кој Евертон го загуби (1:2), го идентификуваше навивачот и му изрече доживотна суспензија на натпреварите на клубот.
Покрај тоа, Евертон го пријави хулиганот и во полиција, па се очекува да биде покрената и постапка против него.
Неименуваниот навивач се доближи до теренот и преку оградата ги туркаше фудбалерите на Лион кои имаа малку пожолчна расправија со колегите од Евертон, а цел му беше голманот Антонио Лопез кого успеа да го фати за глава.
УЕФА, од друга страна, покрена постапка против Евертон поради „агресивното однесување на навивач против играчите на гостинската екипа“. Дисциплинската комисија на УЕФА случајот ќе го разгледува на 16 ноември.
Евертон минатиот месец беше парично казнет со 9.000 фунти поради дивеењето на навивачите на натпреварот со сплитски Хајдук, во првиот бараж-меч за пласман во фазата по групи во Лига Европа.