Top Sport

Драма на „Стемфорд бриџ“ – борбениот Арсенал со 10 играчи извлече реми! (видео)

Челси и Арсенал одиграа 2:2 на „Стемфорд бриџ“ во дербито на 24. коло во Премиер лигата, откако „сините“ не успеаја да ги искористат своите шанси и дозволија „топчиите“ со играч помалку да стигнат до поен во драматична завршница.

Мечот се „сврте“ во 26. минута, кога Теми Абрахам ја искористи грешката на Шкодран Мустафи, пред да биде соборен во шестнаесетникот од поранешниот фудбалер на Челси, Давид Луиз. Бразилецот доби црвен картон, додека од белата точка Жоргињо не згреши.

Челси имаше неколку шанси да го зголеми водството во првото полувреме, преку Калам Хадсон-Одои и Абрахам, додека Арсенал во првото полувреме не го тестираа Кепа Аризабалага – не забележија ниту еден удар на голот.

Меѓутоа, казната стигна во 63. минута, кога фантастичниот млад фудбалер на „топчиите“, Мартинели истрча цел терен по корнерот на Челси, ја искористи грешката на Н’Голо Канте и го совлада Кепа со удар по земја.

Во финишот на натпреварот, Челси имаше уште неколку убави шанси преку Абрахам и Рос Баркли, пред во 84. минута, по еден корнер за Челси, Цезар Азпиликуета да ја смести топката зад грбот на Бернд Лено. Кога се сметаше дека „сините“ ги освоиле трите поени, Ектор Белјерин во 88. минута со убав гол од работ на шестнаесетникот обезбеди Арсенал да си однесе дома заслужен поен.

Scroll to Top