Мајорка и Атлетик Билбао одиграа без голови на отворањето на четвртото коло во Ла Лига. Атлетик нема пораз од почетокот на сезоната и се наоѓа на второто место на табелата.
Натпреварот на Балеарските острови понуди невидена драма во последните 20 минути, во кои не беа реализирани два пенали, а ВАР-системот го поништи голот на Мајорка во 99 минута.
Мајорка доби пенал во 82 минута меѓутоа ударот на Прац заврши крај голот. Судијата Фуертес по консултацијата со ВАР-собата досуди пенал за Атлетик во дополнителното време. Одговорноста ја презеде ветеранот Адуриц, меѓутоа неговиот удар го одбрани Маноло Реина.
ВАР-системот беше консултиран и во 97 минута кога Мајорка не доби уште еден пенал, а потоа прегледувањето на видео-снимката им ја одзеде победата во 99 минута.
Голот што го постигнаа домашните фудбалери беше поништен поради офсајд.
Македонскиот репрезентативец од Мајорка, Александар Трајковски, не доби шанса на овој натпревар.