Рускиот напаѓач Артем Ѕјуба беше во солзи по поразот на Русија на пенали од Хрватска во четврт-финалето на домашниот Мундијал, но вели дека тимот покажал дека „фудбалот е жив во Русија“.
Ѕјуба беше еден од хероите на тимот на Станислав Черчесов, откако успеа да се врати во репрезентацијата по враќањето на формата во финишот на сезоната. Тој постигна три гола за Русија – еден против Саудиска Арабија, еден против Египет, и пеналот со кој израмнија против Шпанија во шокантната осминафинална победа.
„Прво, сакам да се заблагодарам на целиот тим на кој сум многу горд и сите ги сакам како дел од моето семејство. Сакавме да покажеме на целата земја дека фудбалот е жив, дека можат да бидат горди на нас“, вели 29-годишниот Ѕјуба.
Русија влезе на првенството со низа од седум натпревари без победа и како најнискорангиран тим на ФИФА листата. Многумина очекуваа засрамувачка елиминација во групната фаза, но тимот на Станислав Черчесов ги надмина сите очекувања и селекторот е задоволен.
„Штета за поразот, бидејќи мислам дека заслуживме повеќе. Во основа игравме како што беше испланирано, но не смеевме да примиме такви голови. Можеби ги немавме најдобрите фудбалери на првенството, но го имавме најдобриот тим. Сите се вредни за почит, сите 23 фудбалери“, вели поранешниот голман Черчесов.
Тој вели дека рускиот претседател Владимир Путин им честитал и покрај поразот.
„Нашиот премиер Дмитриј Медведев беше во соблекувалната, а со Путин разговаравме по телефон и тој ни честиташе на добриот натпревар. Јас му кажав дека разочаравме, но тој ни кажа дека треба да ги држиме очите отворени и да ги планираме следните чекори“, додаде Черчесов.
Фото: ЕПА