Судијата од Германија Феликс Брих на Мундијалот во Русија стана омразен лик за Србите, а од синоќа истиот статус го има и во Хрватска.
Порталот „Индекс“ наведува дека 44 годишникот судија во две спорни ситуации на мечот помеѓу Динамо и Шахтјор одбил да ја искористи помошта на ВАР-технологијата, а тоа го направил во самиот финиш на мечот кога му доделил пенал на украинскиот тим.
„На Брих му се лути играчите, тренерот, навивачите. Убедени се дека со своите одлуки им ја украл победата која ќе значеше европска пролет за Динамо. Целата негова судиска кариера на докторот на правни науки од Минхен е исполнета со скандали“, се наведува во текстот.
„Индекс“ во текстот наведува некои од гревовите што ги направил Брих на фудбалскиот терен.
Се посочува квалификацискиот меч за пласман на Светското првенство помеѓу Србија и Хрватска одигран во 2013 година, финалето во Лига Европа помеѓу Бенфика и Севилја, потоа дека бил обвинет од репрезентативците на Северна Ирска по нивниот меч со Швајцарија на Европското првенството во 2016 година дека се гушкал со Швајцарците и последната контроверза од Мундијалот во Русија кога на мечот Србија-Швајцарија не досудил очигледен пенал за Србите.
Поради лошите одлуки на тој натпревар ФИФА веднаш го испрати Брих дома.
Инаку Динамо и Шахтјор синоќа одиграа драматичен меч во кој хрватскиот шампион испушти предност од 3:1 во судиското надополнување на времето. Голот за 3:3 Шахтјор го постигнаа од пенал кој беше направен врз голманот Пјатов.