Њукасл, покрај тоа што добија пеколна група при враќањето во Лигата на шампионите (со Милан, Борусија Дортмунд и Пари Сен-Жермен), не беа среќни ниту во ждрепката на Англискиот лига куп, каде што ги добија Манчестер сити во третото коло. Иако Англиската фудбалска лига (ЕФЛ) потоа призна дека направиле грешка при ждрепкта.
Бројчињата на топчињата за ждрепката се поставуваат во азбучен ред, со исклучок на мечевите кои уште не биле завршени. Затоа, Њукасл го добија бројот 20, наместо 19, кој го добија Норич сити. Ова значеше дека на хартија, Њукасл требаа да имаат подобра ждрепка, гостување кај Фулам наместо дуел со Сити.
„Бројките за ждрепката на Карабао купот беа одредени во средата навечер според протоколите на ЕФЛ, и лигата признава дека листата не беше во точен азбучен распоред, но нема проблеми со интегритетот на натпреварувањето“, велат од ЕФЛ.
Њукасл минатата сезона загубија со 2:0 од Манчестер јунајтед во финалето на Карабао купот.