Предраг Спасиќ, поранешен играч на Партизан и Реал Мадрид, моли за финансиска помош. Здружението на ветераните на Реал Мадрид, по неговите апели за помош стапило во контакт со поранешниот репрезентативец на Југославија
На крајот на 2022 година, во интервју за шпански „Релево“, фудбалерот за кого навивачите на Реал сметаа дека е еден од најлошите странци во историјата на Реал, говорел за својот живот.
Живее во Крагуевац, а во моментот кога било направено интервјуто работел како магационер за месечна плата од 400 евра.
Спасиќ во интервјуто раскажал како влегол во финансиски проблеми. Тоа се случило пред повеќе од 25 години, кога пропаднала компанијата во која ги вложил парите што ги заработил како фудбалер.
„Кога ја завршив кариерата, се вратив во Србија во 1996 година и потоа почнаа моите проблеми. Компанијата во која инвестирав пропадна и потоа бев во тешка ситуација. Морав да барам друга работа за да можам да живеам нормално. Работев нешто што не можев да претпоставам дека ќе го работам некогаш во животот. Сега сум магационер. Живеам од работа за која ме плаќаат 400 евра месечно. Паднав во депресија, но кога се вратив во Србија имав пријатели кои ми помогнаа и со помош на луѓето во медицината успеав да се извлечам“, раскажал Спасиќ.
Инаку, Предраг Спасиќ мина една сезона во Реал Мадрид во која забележа 22 настапи за шпанскиот гигант. Моментот кој му ја обележи кариерата се случи на „Ноу Камп“ во Барселона, кога постигна авто-гол.
Од тој момент неговата кариера започна да оди по надолна линија. За Југославија одигра 31 натпревар, постигна еден гол. Беше дел од репрезентацијата која играше во четвртфиналето на СП во Италија во 1990 година.