Top Sport

Ексфудбалерот Камба се „врати“ од мртвите четири години по наводната смрт

Од Германија ни доаѓа една од најбизарните фудбалски приказни во последно време (а имаше доста чудни работи), откако Хјаник Камба, поранешниот фудбалер на Шалке, се појави жив и здрав четири години откако се веруваше дека загинал во собраќајна несреќа.

Се веруваше дека Камба загинал во сообраќајна несреќа во неговиот роден Конго во 2016 година, ставајќи трагичен крај на кариерата која започна во младинската школа на Шалке, заедно со Мануел Нојер. Неговата смрт на 29 години беше опишана како „трагична“ и „несреќна“ од регионалниот германски клуб Хулс, каде што тој играше тогаш.

Но, сега, поранешниот десен бек се појави во германската областа Рур, каде што почнал да работи како хемичар во една компанија и на колегите почнал да им раскажува за неговата „лажна смрт“, јавува „Билд“.

Ова веднаш предизвикало истрага на осигурителните компании, кои и претходно се сомневале во посмртницата на Камба, но сепак исплатиле сума од шест цифри на неговата сопруга.

„Обвинетата е осомничена за измама, но таа го демантира тоа. Процедурата уште трае“, изјавила обвинителката од градот Есен, Анете Милк за „Билд“.

Весникот тврди дека сопругата на Камба дознала за осигурувањето по наводната смрт на фудбалерот, но уште не е јасно дали се работи за фалсификат или за документ навистина издаден во Конго. Камба наводно се вратил во Германија уште пред две години и се вселил во неговиот поранешен дом во близината на Гелзенкирхен.

Приказната на Камба е сомнителна од нејзиниот почеток. Тој наводно избегал од Конго за да се насели во областа Рур пред да се приклучи на Шалке, а неговите родители биле депортирани додека тој играл куп-финале. Родителите, учителите и пријателите на Камба тогаш собрале 4.000 евра да му помогнат на Камба да преживее во Германија.

Scroll to Top