Лео Меси ќе мисли на „Ле класик“, Кристијано Роналдо ќе се обиде да го победи Мохамед Салах во свои големи дербија, но на „Ноу Камп“ денеска ќе се игра најголемото дерби на светот, „Ел класико“ помеѓу Барселона и Реал Мадрид, првпат по подолго време без Меси или Роналдо.
Оваа недела е ден на фудбалски дербија – Меси и ПСЖ одат на „Велодром“ на дуел со Марсеј, Роналдо и Манчестер јунајтед играат со Ливерпул, додека во Италија, Интер го пречекува Јувентус. Што е со „Ел класико“, овојпат без најголемите ѕвезди, со финансиски проблеми и неубедлива игра на двата тима?
Меси и Роналдо ги одбележија последните десетина години на „Ел класико“. Во деветте години на Роналдо во Шпанија, тој и Меси не прошуштија ниту едно од 18-те дербија – во 17 беа стартери, а во едно беа замени.
Меси славеше повеќе – 10 победи, додека Мадрид имаше само 4 победи со четири ремија и 39:23 предност на Блауграна. Меси исто така во тој период беше поефикасен – погоди девет пати во девет меча на „Сантијаго Бернабеу“ (четири од пенал) и три во девет домашни мечеви. Роналдо имаше 6 гола во девет меча на „Ноу Камп“, но само три на „Бернабеу“ и тоа сите од пенал.
Но, 247. издание на дербито ќе помине без нив двајца. Барселона е во поголеми проблеми по заминувањето на Меси, со слаба игра и многу порази, кои конечно беа прекинати со двата триумфа над Валенсија и Динамо Киев. Откако ниту еднаш оваа сезона не успеаја да го распродадат „Ноу Камп“, денеска сигурно ќе биде полно на трибините, со вести дека останале само ВИП билетите со цена од 750 евра.
Ниту во Реал не „цветаат рози“. Предводени од одличниот Карим Безема тие на стартот на сезоната имаа големи победи над Селта и Мајорка, но тука беше и шокантниот домашен 1:2 пораз од Шериф Тираспол во Лигата на шампионите.
Тежок пораз, сигурно ќе ги втурне во криза или Барса или Реал. Мечот стартува во 16.15 часот.