Елиф Елмас постигна совршен гол со глава на стартот на мечот за да ги предводи Наполи до импресивна 0:1 победа над Милан на „Сан Сиро“, продолжувајќи ја низата на лоши резултати на „росонерите“ против ривалите од јужна Италија.
Победата која ги искачува Наполи на второто место на табелата во Серија со 39 поени, исто колку и Милан на третото место (но со полоша гол-разлика) и четири зад лидерот Интер, значи дека Милан веќе седум години го немаат победено Наполи дома – последен пат тоа се случи на 14 декември 2014 (2:0).
Милан го стартуваа мечот со многу отсуства поради позитивните тестови на КОВИД-19, а публиката на „Сан Сиро“ беше шокирана уште на стартот на мечот, кога во 5. минута, Елмас по корнерот на Пјотр Зиелински постигна убав гол со глава за рано водство. Кога се мислеше дека мечот е готов, во 90. минута, Френк Кеси постигна израмнувачки гол за „росонерите“, но по долгата ВАР проверка, тој беше поништен поради офсајд.
Графика: Sofascore за Топспорт.мк