Наполи стигна до тешко извојувана 1:0 победа над Лацио во четврт-финалето од Копа Италија, исфрлувајќи го актуелниот шампион во натпреварувањето по лудото прво полувреме во кое имаше гол во втората минута, два црвени картони и промашен пенал. Во полуфиналето, Наполи ќе игра или со Интер или со Фиорентина.
Мечот на „Сан Паоло“ не можеше да започне подобро за домашниот тим – по само 90 секунди, капитенот Лоренцо Инсиње во соло напад успеа да го совлада Томас Стракоша со убав удар за рано водство.
Лацио бргу се созеде и веќе во 10-тата минута изнуди пенал, откако Елсеид Хисај го собори Фелипе Каиседо во шестнаесетникот. Меѓутоа, Чиро Имобиле во својот роден град Неапол, направи катастрофална грешка и го утна пеналот.
Драмата не заврши тука – Хисај направи уште еден груб старт над Имобиле за да добие втор жолт картон и да ги остави Наполи со 10 луѓе по само 19 минути. Рамнотежата се врати, кога Лукас Леива доби експресно два жолти картони (еден за груб старт и еден за расправање со судијата) за да се врати рамнотежата на теренот.
Во второто полувреме, Џенаро Гатузо му даде шанса и на македонскиот репрезентативец Елиф Елмас, но иницијативата беше кај Лацио. Во 84. минута Имобиле ја погоди пречката, а во 89. минута топката беше во голот на Наполи, но Франческо Ачерби беше во офсајд и голот беше поништен.