Фудбалерите на Наполи со пораз од 2-1 се враќаат од Москва, по денешниот неуспех против тимот на Спартак во рамки на петтото коло го Лига Европа.
Пулените на Лучијано Спалети беа надиграни од домашните на студеното време и заледениот терен, а светла точка кај гостите од Неапол беше македонскиот репрезентативец Елиф Елмас кој го постигна единствениот гол за Наполи во 64 минута (со глава) на додавање на Петања.
Сепак, претходно во првиот дел домаќините постигнаа два гола, и двата преку Соболев. Резултатот беше отворен во 3 минута, со гол од пенал, а водството од 2-0 за московјаните дојде во 28 минута.
Елмас при негатива од 1-0 за својот тим имаше одлична можност за израмнување, но голманот на рускиот тим Селиков во два наврати беше поуспешен.
Шанса за реми Елмас имаше и во 90 минута, но и овојпат Селиков со одличен рефлекс го задржа неговиот удар.
Во групата Ц од ЛЕ вечерва се игра дуелот меѓу Лестер и Легија, но се чини дека патниците во нокаут фазата ќе се одредуваат во последното коло.