Top Sport

Капитенот Крстевски: Секоја чест за Шпанија, но нема однапред да се предадеме

Машката македонска кошаркарска репрезентација се подготвува за претстојниот натпревар против селекцијата ба Шпанија во рамки на првото коло од квалификациите за Мундијалот.

Македонија има нов капитен – Бојан Крстевски. Денеска на прес-конференцијата тој рече дека Шпанија ја има фаворитската улога, но тој и неговите соиграчи на теренот ќе покажат максимална ангажираност и борбеност, затоа што само така можат да го изненадат светскиот првак.

„Имавме пократок временски период за тренирање за разлика од летото и нешто поизменета екипа од претквалификациите. Не сме комплетни, но тоа мора да го оставиме зад нас и да се фокусираме на тоа што го имаме и со кое располагаме.
На нас е да излеземе на терен, максимално ангажирани и борбени и да ги исполниме задачите на селекторот, како и да се претставиме во најдобро светло. Секоја чест за Шпанија, но ние нема однапред да ѝ се предадеме“ рече Крстевски.

И селекторот Драган Бајиќ бара максимално залагање од сите кошаркари.
„Среќен сум што имам шанса да работам со овие момци и да тргнеме во овие квалификации против светски првак Шпанија. Имавме доста проблеми во претквалификациите, минавме со доста проблеми, но сега не треба јас да ги мотивирам за Шпанија, туку тие самите. Влегуваме во овој дуел со самодоверба. Не смееме да губиме многу топки, да ја сопреме транзицијата на противникот“ порача Бајиќ.

Македонија ја пречекува Шпанија в петок во спортската сала „Јане Сандански“ од 19:30 часот.

Покрај овие две селекции, квалификациската Г група ја сочинуваат и селекциите на Украина, односно Грузија.
Фото: КФСМ

Scroll to Top