Пред вечерашното дерби Манчестер јунајтед-Арсенал, поранешниот „топчија“ Емануел Пети го обвини Алекс Санчез дека се „крие“ откако доби зголемување на платата во Манчестер јунајтед, и на шега вели дека Жозе Мурињо потпишал со близнакот на Чилеанецот.
Пети, кој со Арсенал ја освои двојната титула во 1998 година, вели Алексис е еден од највиновните за слабата форма на Јунајтед.
„Менаџерот е на клупата, така што кога си на теренот треба да си горд со тоа што си го покажал, додека Алексис е прв кој се крие во Јунајтед. Сакаше да си отиде за да добие повисока плата, а не покажа ништо во девет месеци. Јас не го видов. Мислам дека потпишале со неговиот близнак. Сфаќам дека секој фудбалер смета дека заслужува висока плата, но ова не е прифатливо“, вели Пети.
Тој исто така застана во одбрана на Мурињо и покрај конфликтите кои ги создава во тимот.
„Можеби некој од фудбалерите е нервозен или уморен од начинот на Мурињо, но тој човек знае што е потребно да се освојуваат титули. Без разлика дали ви се допаѓа неговиот фудбал. Видете ја француската репрезентација на СП во Русија. Не играа секогаш најдобро, но ја освоија титулата. Тоа е најважно, а не како си играл“, додава Французинот.