Тренерот на Арсенал, Унаи Емери вели дека му порачал на Гранит Џака дека мора да се извини по конфликтот со навивачите, но не сакаше да потврди дали Швајцарецот ќе остане капитен на клубот, иако тој нема да игра против Ливерпул во мечот од Лига купот во среда.
„Да, тој треба да се извини. Сите правиме грешки и мораме да се извиниме за тоа. Тој е сега уништен и тажен. Зборувавме вчера и во неделата и не му е лесно. Потребна ни е поддршката на семејството, пријателите и навивачите и тој не го чувствува тоа од навивачите. Во моментов не зборуваме за капитенската лента“, вели Емери.
Од друга страна, Емери потврди дека во тимот ќе се врати Месут Озил, откако Германецот беше „замрзнат“ последните шест меча на тимот и последен пат настапи во мечот од Лига купот против Нотингем на 24 септември.
„Тој е во групата и има шанса да игра. Не го сменив моето мислење за него. Тој знае што барам од него и тоа е истото од минатата сезона“, додава Емери.