Top Sport

Емирот на Катар: Никогаш медиумите не се однесувале вака кон домаќинот на СП

Емирот на Катар, шеикот Тамим бин Хамад Ал Тани, јавно го изрази своето незадоволство од односот на медиумите кон неговата земја пред Светското првенство. Шеикот тврди дека тој и неговата земја се жртви на лаги, односно критики зад кои се кријат некои подлабоки мотиви.

„Откако ни беше дадена честа да бидеме домаќини на Светското првенство, Катар е жртва на невидена кампања со која ниту една земја во историјата не се соочила“, рече тој во својот говор 26 дена пред почетокот на Мундијалот.

„На почетокот критиките ги сметавме за добронамерни, но јасно е дека тие достигнаа жестокост што никој не може да ја разбере. Исто така не се јасни ниту мотивите за една ваква кампања. На овој шампионат ќе покажеме кои сме како нација, ќе ја покажеме нашата силна економија, институции и цивилизацискиот идентитет. Ова е голем тест за нашата земја. Ќе се обидеме да го воодушевиме светот“, додаде емирот Ал Тани.

Катар е крајно конзервативна земја каде на некои луѓе им се ускратени основните човекови права. На пример, хомосексуалноста е забранета со закон. Организаторите беа критикувани поради лошиот однос кон странските работници. Како што објави „Гардијан“, илјадници луѓе ги загубија животите на лошо организирани градилишта, работејќи во нехумани услови.

И покрај се, претседателот на ФИФА, Џани Инфантино рече дека Светското првенство во Катар ќе биде „најдоброто досега“.

Светското првенство ќе се одржи од 20.ноември до 18.декември.

Scroll to Top